Франц Кафка
English: Franz Kafka

Франц Кафка
Franz Kafka
Kafka1906.jpg
Фотографија на Франц Кафка од 1906
Роден/а3 јули
Прага, Австро-Унгарија
Починат/а3 јуни 1924
Кирлинг, Виена, Австрија
Занимањеагент за осигурување, управник на фабрика, писател на романи и раскази
НационалностЧешки Евреин
Жанрроман, расказ
Книжевно движењемодернизам, егзистенцијализам, надреализам, претходник на магичниот реализам
Значајни делаПроцес
Замок
Преобразба

Потпис

Франц Кафка[1] (германски: Franz Kafka; 3 јули 1883 во Прага3 јуни 1924 во Виена) е еден од водечките писатели на германски јазик од 20 век. Најголемиот дел од неговите дела се објавени посмртно. Во неговите најпознати дела, романитеПроцес“ (германски: Der Process) и „Замок“ (германски: Das Schloss), како и новелатаПреобразба“ (германски: Die Verwandlung), пишува за бирократијата, за алиенацијата и за немоќта на поединецот да влијае врз општествените случувања.[2]

Кратка биографија

Семејство

Таткото на Кафка, Херман Кафка (1854–1931) бил трговец. Тој имал двајца браќа Георг и Хајнрих кои умреле уште како деца, пред Кафка да наполни седум години. Имал и три сестри: Габриела (Ели) (1889–1944), Валерија (Вали) (1890–1942) и Отилија Кафка (Отла) (1892–1943). Сите сестри умреле за време на холокаустот во Втората светска војна. Вали била депортирана во Полска во 1942, и тоа е последната документација за неа. Отилија му била најомилена сестра.[3]

Иако неговиот мајчин јазик е германски, Кафка одлично знаел и чешки бидејќи неговиот татко бил чешки Евреин кoj потекнувал од Прага и сакал неговиот син одлично да ги зборува и двата јазика. Кафка имал познавање и од францускиот јазик и култура, а еден од неговите омилените автори му бил Флобер.

Образование

Од 1889 до 1893, Кафка одел во основно училиште во Прага. По основното училиште се запишал во гимназија каде учел 8 години, на германски јазик. Матурирал во 1901, со високи оценки[4]. Истата година се запишал на студии на Карловиот универзитет во Прага[5]. Отпрвин бил запишан да студира хемија но по две недели се префрлил на право. На крајот на првата година се запознал со Макс Брод со кого ќе остане близок пријател до крајот на својот живот[6]. Кафка многу читал и заедно со Брод го читале Платон на оригинален грчки и делата на Флобер на француски[7]. Ги сметал Фјодор Достоевски, Флобер, Никојал Гогољ за свои „браќа по крв“[8]. Освен тоа, го интересирала и чешката книжевност и го сакал делото на Гете[9]. Кафка станал доктор по право на 18 јули 1906 а потоа една година неплатено работел како приправник во граѓанскиот и кривичниот суд.

Професија

После приправничкиот стаж работел како службеник во осигурителна компанија. Тогаш започнала неговата писателска кариера. Тој ја опишува работата во оваа компанија како нешто што го прави само за да заработи пари.

Во 1917 година се разболел од туберколоза[10] а неговото семејство му помагало да се опорави. Најчесто била присутна сестра му Отла со која имал одлична комуникација.

Уште додека учел тој активно организира литературни и социјални случувања, промовирајќи ги во Еврејскиот театар и покрај негодувањата на неговиот најблизок пријател Макс Брод кој вообичаено го поддржувал во работите кои ги правел. Откако ја видел театарската изведба на еврејската театарска трупа во октомври 1911, Кафка "се посветил целосно на јидишот и на еврејската книжевност"[11]. Овој интерес бил појдовна точка за тој длабоко да го истражува јудаизмот[12]. Наспроти стравот дека е физички и ментално антипатичен, луѓето биле импресионирани од него, од неговиот момчешки, чист и аскетски надворешен изглед, неговата интелигенција и чуден смисол за хумор[13].

Кафка во 1910

Приватен живот

Врската со неговиот доминантен татко е честа тема во она што го пишува. Во 1920 доживеал многу интензивна љубовна врска со чешката новинарка и писателка Милена Јасенска и во 1923. Писмата што ѝ ги пишувал подоцна биле објавени како Писма до Милена.[14] Во Берлин ја сретнал Дора Диамант, 25-годишна учителка во градинка која потекнувала од ортодоксно Еврејско семејство. Тој се преселил во Берлин обидувајќи се да се оддалечи од влијанието на неговото семејство и да се фокусира на пишувањето. Дора станала негова љубовница и поради неа Кафка пројавил интерес за Талмудот[15].

Општо е прифатено мислењето дека Кафка страдал од клиничка депресија и социјална анксиозност целиот свој живот. Страдал од мигрена, несоница, цревни заболувања, напади на бес и други оболувања создадени од прекумерен стрес и напор. Тој се обидувал да ги контролира овие заболувања преку природни методи држејќи вегетеријанска диета и конзумирајќи големи количини непастеризирано млеко (кое се смета за главниот причинител на туберкулозата). Туберкулозата се влошила и тој се вратил во Прага, а оттаму заминал во санаториумот Кирлинг во Клостернојбург, во близината на Виена,[16] со надеж дека ќе се излечи. Таму, тој умрел на 3 јуни 1924 година, а причината за неговата смрт најверојатно е изгладнувањето. Болките во грлото му оневозможувале да јаде, а бидејќи интравенозното хранење во тоа време не било развиено не постоел начин за негово хранење.[17] Исто така се претпоставува дека Кафка страдал од некој вид атипична анорексија.[18] По смртта, неговото тело било донесено во Прага, каде на 11 јуни бил закопан на Новите еврејски гробишта во Страшница, Жижиков (кој две години претходно бил припоен кон Прага).[19]

Наследство

an old letter with text written in German
Првата страница од Писмата до неговиот татко, на германски јазик

Кафка во својот живот објавил само неколку раскази, само мал дел од неговото творештво и поради тоа неговото творештво не привлекува значајно внимание додека бил жив. Пред да почине му рекол на својот пријател Макс Брод да ги уништи сите ракописи. Неговата љубовница Дора Диамант делумно ги извршила неговите претсмртни барања. Голем дел од неговите последни ракописи, вклучувајќи 20 тетратки и 35 писма таа тајно ги задржува сè додека не се конфискувани од Гестапо во 1933. Се уште се во тек неколку меѓународни барања кои се спроведени за да се пронајдат овие изгубени текстови на Кафка[20]. Брод ги прекршува упатствата на Кафка и ги прегледува публикациите на поголемиот дел од текстовите што ги поседувал, и наскоро овие текстови започнуваат да привлекуваат внимание и високи критички оценки.

Сите објавени дела на Франц Кафка, со исклучок на неколку писма што ѝ ги упатил на Милена Јасенска се напишани на германски јазик.

Творештвото

Книжевното дело на Кафка му припаѓа на германското експресионистичко движење. Врз него делувале делата на Сигмунд Фројд, а егзистенционалистите го сметаат за свој претходник. Пишувал со едноставна, речиси фактографска техника, изобилно употребувајќи ја филозофската и религиозната симболика, често на граница на алегорија. Неговиот логичен, збиен стил му овозможувал совршено природно да ги изнесува своите фантастични визии.

Во своите дела ја изложува идејата за бесплодноста и немоќта на човекот да ги сфати принципите и механизмот на светот. Малите луѓе кои се покоруваат без прашање, секогаш се во милост на „власта“, додека оние кои се бунат, се осудени.

A simple book cover in green displays the name of the author and the book
Првото издание на романот Процес 1925

Процес

Јозеф К., банкарски службеник во некој германски град, е уапсен од непознати причини. Никој не му кажува за што е обвинет, а тој не може да открие ни каков е тој суд што тајно заседава во некоја зграда во градот, и каква моќ има. Тој се обидува да се брани, и бара помош од било кој што има врска со мистериозниот апарат што е против него. Малата слугинка му советува да признае сè што се бара од него, и да се стави на милост и немилост на судот.

Неговата вина е утврдена, и тој дознава дека има само две можности: или случајот да се одложи на некое време, или да биде привремено пуштен на слобода, но да може да биде затворен кога судот ќе нареди. Јозеф К. му се спротивставува на судот, сака да дознае за што и пред кого е виновен, повикувајќи се на принципите на разум и правда. Најпосле, доаѓаат двајца таинствени агенти и го убиваат.

Романот бил предмет на бројни интерпретации. Тиранскиот, брутален и ирационален судски систем кој го прогонува Јозеф К., се толкува како човечка злоупотреба на божествените закони. Како и да е, Кафка во романот креира атмосфера на безизлезност.

Критички толкувања и влијание

Денес, Кафка се смета за еден од најзначајните и највлијателните писатели на 20 век.[21]

Постојат повеќе критики кои се обиделе да го објаснат и да ги толкуваат делата на Кафка интерпретирајќи ги преку одредени школи на литературната критика - како што се модернистите, магичните реалисти итн. Очигледната безнадежност и апсурноста кои се врежани во неговите дела се сметаат за симболичен егзистенцијализам. Други пак се обидуваа да лоцираат марксистичко влијание во неговата сатиризација на бирократијата во делата како „Процес“, „Замок“, итн., а некои критичари пак сметаа дека главната инспирација на Кафка е анархизмот и антибирократскиот индивидуализам. Дури и денес постојат интерпретации на неговите дела преку јудаизмот (поради фактот што бил Евреин и пројавувал интерес за еврејската култура). Борхес прави неколку перцептивни забелешки во однос на ова стојалиште за јудаизмот: преку Фројд (поради семејните несогласувања) или како алегорија на метафизичко барање на Бога (Томас Ман се согласувал со оваа теорија).

Темите на оттуѓеноста и прогонувањето се повеќепати нагласени, и посебен акцент е ставен во делото на Марти Робер - кое делумно е инспирирано од делото на Жил Делез и Феликс Гуатари кои расправаат дека кај Кафка нема стереотипи на осамени фигури напишани од мака, туку неговото дело е многу повеќе промислено, субверзивно и на крајот на краиштата повеќе „весело“ отколку тоа се чини. Биографите рекоа дека често Кафка им ги читал поглавјата од книгите на кои работел на своите најблиски пријатели, и овие читања биле концентрирани на самите себе, со константна, но често пати игнорирана, хумористична линија во неговата проза. Милан Кундера упатува на есенцијалниот надреалистичен хумор на Кафка[22] како главен претходник на идните артистички дела на Федерико Фелини, Габриел Гарсија Маркес, Карлос Фуентес и Салман Ружди. Во есејот „Отворени дела“ од 1962 година, италијанскиот писател Еуџенио Монтале ги карактеризира делата на Кафка како отворени, поради нивните многубројни значења.[23]

Во поговорот кон полскиот превод на „Процес“, Бруно Шулц го опишува Кафка како писател со „неверојатно чувство за одговорност“ и „религизона умереност“ и „творец од голем формат, кој посегнува по највисоките задачи, кој се бори за разрешување на најдлабоките битови прашања“, истакнувајќи дека „творештвото на Кафка е богато и интензивно, од самиот почеток готово и зрело“. Притоа, според Шулц, Кафка е воспевач на божествениот поредок, но тоа го прави со карикатурална деформација, во навидум компромитирачки и апсурдни форми. На тој начин, Кафка ги исмејува проблематичноста и безнадежноста на човековите дела во однос на божествениот поредок. Во продолжение, Шулц го определува методот на Кафка како создавање паралелна, двојничка ралност којашто ја постигнува со помош на псевдореализам, т.е. Кафка ја гледа реалноста изострено и ја познава нејзината гестикулација. Неговиот однос кон реалноста е ироничен и префиден како односот на магионичарот кон својата апаратура и тој само ја симулира точноста и прецизноста на реалноста за да може подетаљно да ја искомпромитира. Книгите на Кафка не се алегорична слика или интерпретација на некоја доктрина, туку претставуваат самостојна поетска реалност што се мотивира и пронаоѓа во самата себе. Неговото дело живее со сопствен поетски живот - многузначно, бескрајно длабоко, неисцрпено од ниедна интерпретација.[24]

Според сопственото признание, Петер Хандке повеќепати ги читал делата на Кафка за кого вели дека му значи многу. Според него, со својата чистота на јазикот Кафка секогаш ќе значи многу[25] и тој го нарекува Кафка пример за писател од 20 век. Хандке смета дека, во однос на јазикот, не може ништо да му се префрли на Кафка, но неговите реченици се „панично назапчени“, т.е. во нив нема празнина, нема мир ниту тивок опис на природата, што е карактеристика на големата книжевност. Напротив, во делата на Кафка постои само клаустрофобичен внатрешен свет што тој го создава со најголема сугестивност, а можеби и во воодушевување за очајот. Оттука, Хандке вели дека не го прифаќа Кафка како писател на овој век, а еднаш во младоста напишал: „Го мразам Франц Кафка, вечното дете!“[26] Исто така, тој вели дека за Кафка чувствува презир, љубов, пријателство и сè можно, нарекувајќи го „пријател-непријател“. Меѓутоа, според Хандке, пропаст е Кафка да се нарече најсветла појава во книжевноста на 20 век, велејќи дека Кафка ќе биде проголтан и потрошен од 20 век.[27] Во 2000 година, руската поетеса Новела Матвеева ја напишала песната „На речниот полуостров“, посветена во спомен на Франц Кафка.[28]

Кафка на филм

Делата на Кафка се пренесени и на филм.

Во 1962 година, Орсон Велс го напишал и го режирал сценариото кое всушност е адаптација на романот “Процес” од Франц Кафка, (Тhe Trial, 1962). Во филмот на Велс, Ентони Перкинс го толкува ликот на Јозеф К, а се појавуваат а други улоги толкуваат Жана Моро и Роми Шнајдер. Велс ова остварување го сметал за свое најдобро, после Граѓанинот Кејн[29].

Стивен Содерберг во 1991 го режирал полубиографскиот филм Кафка во кој се меша неговиот живот и фикцијата од неговите романи. Сценариото претставува комбинација на многу негови дела, вклучително и делата “Процес” и “Замок”[30]. Во филмот глуми Џереми Ајронс.

“Прекрасниот живот” на Франц Кафка е краток филм од 1993 година во којшто се меша и делото “Преобразба”.

Во 1993 снимен е филм на Би-би-си (Процес) во режија на Дејвид Џонс каде ликот на Јозеф К. го толкува Кајл Меклахлан, сценариото е на нобеловецот Харолд Пинтер.

Библиографија

Раскази

  • Опис на борба (1904-1905)
  • Подготовки за венчавка на село (1907-1908)
  • Судење (1912)
  • Огнарот (1914)
  • Во Казнената колонија (1914)
  • Селото Шломастер (1914-1915)
  • Блумфелд, постариот ерген (1915)
  • Управникот на гробницата
  • Селскиот доктор (1917)
  • Ловецот Грахус(1917)
  • Извештај за Академијата (1922)
  • Истрага за куче (1922)
  • Мала жена (1923)
  • Дувло (1923-1924)
  • Пејачката Жозефина (1924)

Новели

  • Преобразба (1915)

Романи

Дневници

  • Дневникот на Франц Кафка
  • Сина осмина ракопис

Писма

  • Писма за Фелис
  • Писма за Отла
  • Писма за Милена
  • Франц Кафка: Писма за семејството, пријателите и уредниците

Поврзано

Наводи

  1. гермснки изговор: [fʁants ˈkafkaː]; чешки изговор: [ˈfrants ˈkafka]; на чешки некојпат го нарекувале František Kafka (чешки изговор: [ˈfrancɪʃɛk ˈkafka]); англиски изговор: /"Kafka").
  2. Франц КафкаЕнциклопедија Британика (англиски)
  3. Kafka, Franz (2009). The Metamorphosis. 1230 Avenue of Americas: Simon and Schuster Paperbacks. стр. ix. ISBN 978-1-4165-9968-5. 
  4. Kempf 2005, pp. 159–160
  5. Diamant 2003, pp. 36–38
  6. Gray 2005, p. 179.
  7. Брод, 1966, стр.53-54
  8. Gray 2005, стр. 74, 273
  9. Brod 1960, стр 51, 122–124.
  10. Corngold 2011, стр. 339–343.
  11. 1942-, Koelb, Clayton, (2010). Kafka : a guide for the perplexed. London: Continuum. ISBN 9780826495792. https://www.worldcat.org/oclc/680017863. 
  12. Reiner,, Stach, (2005). Kafka, the decisive years (1st U.S. ed издание). Orlando: Harcourt. ISBN 9780151007523. https://www.worldcat.org/oclc/60419722. 
  13. Gustav., Janouch, ([1971]). Conversations with Kafka. (2d ed., rev. and enl издание). [New York]: New Directions. ISBN 9780811200714. https://www.worldcat.org/oclc/61848572. 
  14. Brod 1966, p. 389
  15. Hempel, 2002.
  16. Ј. А., „О рукопису процеса и његовом преводу“, во: Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 221.
  17. 1884-1968., Brod, Max, (1975). Franz Kafka : a biography (1st Schocken pbk. ed издание). New York: Schocken Books. ISBN 9780805200478. https://www.worldcat.org/oclc/12397232. 
  18. Fichter, Manfred M. (1 мај 1987 г). The anorexia nervosa of Franz Kafka (на en). „International Journal of Eating Disorders“ том  6 (3): 367–377. 10.1002/1098-108x(198705)6:3%3C367::aid-eat2260060306%3E3.0.co;2-w. http://onlinelibrary.wiley.com/doi/10.1002/1098-108X(198705)6:33.0.CO;2-W/abstract. 
  19. Ј. А., „О рукопису процеса и његовом преводу“, во: Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 221.
  20. „Kafka Project“. 
  21. Ј. А., „О рукопису процеса и његовом преводу“, во: Франц Кафка, Процес. Београд: Службени гласник, 2011, стр. 221.
  22. Кундера, Милан. „Светот на Кафка (Kafka's World)“. JSTOR. The Wilson Quarterly (1976-) © 1988. стр. 88-89. 
  23. Euđenio Montale, Leptir iz Dinara i ostali prozni spisi. Beograd: Rad, 1979, стр. 122.
  24. „Поговор кон полскиот превод на Процес од Франц Кафка“, во: Бруно Шулц, Митизација на реалноста. Скопје: Бегемот, 2015, стр. 111-117.
  25. Žarko Radaković, „Umesto pogovora“, во: Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990, стр. 161-162.
  26. Žarko Radaković, „Umesto pogovora“, во: Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990, стр. 163-164.
  27. Žarko Radaković, „Umesto pogovora“, во: Peter Handke, Spori povratak kući. Gornju Milanovac: Dečje novine, 1990, стр. 171-172.
  28. Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига III: Средина XX века – поч. XXI века (неомодернизам, неоавангарда, постмодернизам и нова трагања). Београд: Paidea, 2007, стр. 60-61.
  29. "Orson Welles on The Trial (BBC Interview)". Welles Net. 1962.
  30. Kafka". New York State Writer's Institute. State University of New York.
  31. Кафка, Франц (2011) (на македонски). Америка. Скопје: Темплум. ISBN ISBN 978-9989-189-97-5. 
Other Languages
Адыгэбзэ: Франц Кафка
Afrikaans: Franz Kafka
Alemannisch: Franz Kafka
العربية: فرانس كافكا
aragonés: Franz Kafka
Արեւմտահայերէն: Ֆրանց Քաֆքա
armãneashti: Franz Kafka
asturianu: Franz Kafka
Avañe'ẽ: Franz Kafka
Aymar aru: Franz Kafka
azərbaycanca: Frans Kafka
Bân-lâm-gú: Franz Kafka
башҡортса: Франц Кафка
беларуская: Франц Кафка
беларуская (тарашкевіца)‎: Франц Кафка
Bislama: Franz Kafka
български: Франц Кафка
Boarisch: Franz Kafka
bosanski: Franz Kafka
brezhoneg: Franz Kafka
буряад: Франц Кафка
català: Franz Kafka
čeština: Franz Kafka
Cymraeg: Franz Kafka
Deutsch: Franz Kafka
Ελληνικά: Φραντς Κάφκα
English: Franz Kafka
español: Franz Kafka
Esperanto: Franz Kafka
estremeñu: Franz Kafka
euskara: Franz Kafka
Fiji Hindi: Franz Kafka
føroyskt: Franz Kafka
français: Franz Kafka
Gaeilge: Franz Kafka
Gàidhlig: Franz Kafka
galego: Franz Kafka
贛語: 卡夫卡
հայերեն: Ֆրանց Կաֆկա
hrvatski: Franz Kafka
Bahasa Hulontalo: Franz Kafka
Ilokano: Franz Kafka
Bahasa Indonesia: Franz Kafka
interlingua: Franz Kafka
Interlingue: Franz Kafka
íslenska: Franz Kafka
italiano: Franz Kafka
עברית: פרנץ קפקא
Kabɩyɛ: Franz Kafka
ქართული: ფრანც კაფკა
қазақша: Франц Кафка
Kiswahili: Franz Kafka
Kreyòl ayisyen: Franz Kafka
kriyòl gwiyannen: Franz Kafka
kurdî: Franz Kafka
Кыргызча: Франц Кафка
кырык мары: Кафка, Франц
لۊری شومالی: فرانتس کافکا
latviešu: Francs Kafka
Lëtzebuergesch: Franz Kafka
lietuvių: Franz Kafka
Limburgs: Franz Kafka
Lingua Franca Nova: Franz Kafka
Livvinkarjala: Franz Kafka
lumbaart: Franz Kafka
magyar: Franz Kafka
Malagasy: Franz Kafka
მარგალური: ფრანც კაფკა
مازِرونی: فرانتس کافکا
Bahasa Melayu: Franz Kafka
Minangkabau: Franz Kafka
Mirandés: Franz Kafka
монгол: Франц Кафка
မြန်မာဘာသာ: ဖရန့်ဇ်ကပ်ဖ်ကာ
Nederlands: Franz Kafka
нохчийн: Кафка, Франц
norsk nynorsk: Franz Kafka
occitan: Franz Kafka
олык марий: Франц Кафка
oʻzbekcha/ўзбекча: Franz Kafka
پنجابی: فرانز کافکا
Patois: Franz Kafka
Picard: Franz Kafka
Piemontèis: Franz Kafka
Plattdüütsch: Franz Kafka
polski: Franz Kafka
português: Franz Kafka
Qaraqalpaqsha: Franz Kafka
română: Franz Kafka
Runa Simi: Franz Kafka
русиньскый: Франц Кафка
русский: Кафка, Франц
саха тыла: Франц Кафка
Seeltersk: Franz Kafka
sicilianu: Franz Kafka
Simple English: Franz Kafka
slovenčina: Franz Kafka
slovenščina: Franz Kafka
српски / srpski: Франц Кафка
srpskohrvatski / српскохрватски: Franz Kafka
svenska: Franz Kafka
Tagalog: Franz Kafka
татарча/tatarça: Франц Кафка
тоҷикӣ: Франс Кафка
Türkçe: Franz Kafka
українська: Франц Кафка
vèneto: Franz Kafka
vepsän kel’: Kafka Franc
Tiếng Việt: Franz Kafka
Volapük: Franz Kafka
Winaray: Franz Kafka
ייִדיש: פראנץ קאפקא
Yorùbá: Franz Kafka
粵語: 卡夫卡
Zazaki: Franz Kafka
žemaitėška: Franz Kafka