Втора светска војна

Втора светска војна
WW2Montage.PNG
Во правецот на стрелките на часовникот од најгоре, лево: Трупи на Комонвелтот во пустината; Кинески цивили закопувани живи од јапонски војници; Советски сили за време на зимска офанзива; Јапонски авиони се подготвуваат да полетување од брод-носач; Советски трупи се борат во Берлин; Германска подморница под напад.
Датумдоцни 1930-ти – 2 септември, 1945
МестоЕвропа, Пацифик, Југоисточна Азија, Кина, Блискиот Исток, Медитеран и Африка
ИсходПобеда на сојузниците. Создавање на Обединетите нации. Излегување на САД и на Советскиот сојуз како велесили. Создавањето на Првиот свет и Вториот свет како сфери на влијание во Европа водејќи до Студена војна. (повеќе...)
Завојувани страни
Сили на оската
Команданти и водачи
Жртви и загуби
Мртви војници:
Преку 14.000.000
Мртви цивили:
Преку 36.000.000
Вкупно:
Преку 50.000.000
...повеќе детали.
Мртви војници:
Преку 8.000.000
Мртви цивили:
Преку 4.000.000
Вкупно
Преку 12.000.000
...повеќе детали.

Втората светска војна е глобален вооружен конфликт што почнал на 7 јули 1937 година во Азија и на 1 септември 1939[1] во Европа и траел до 8 мај 1945 во Европа со капитулацијата на Германија, а до 2 септември 1945 во Азија со капитулацијата на Јапонија. Втората светска војна ги зафатила мнозинството на земји во светот на секој населен континент. Речиси сите земји што биле вклучени во Првата светска војна биле инволвирани и во Втората светска војна. Таа е најголемиот и најскапиот вооружен конфликт во светската историја.

Причините за војната, кои најчесто се припишуваат на Версајскиот договор, Големата криза од 1929, национализмот и милитаризмот, се предмет на дебати. На кој датум војната започнала е исто така предмет на расправа, најчесто се смета дека таа официјално започнала со германската инвазија на Полска на 1 септември 1939, но исто така се наведуваат и други датуми - јапонската инвазија на Кина на 7 јули 1937 (почетокот на Втората Кинеско-јапонска војна), или уште порано - во 1931 со јапонската инвазија на Манџурија. Некои, пак, сметаат дека Првата и Втората светска војна се еден конфликт раздвоен само со "прекин на огнот".

Борби се воделе низ Атлантскиот Океан, Западна и Источна Европа, Средоземно Море или Медитеранот , Африка, Блискиот Исток, Источна, Тихиот Океан или Пацификот и Југоисточна Азија. Во Европа војната завршила со капитулацијата на Германија на 8 мај 1945, а во Азија со капитулацијата на Јапонија на 2 септември 1945.

Се претпоставува дека до 1945 година околу 57 милион луѓе загинале во војната, вклучувајќи геноцид како што е Холокаустот. Втората светска војна е пример за тотална војна, каде што се вклучени и фронтот и бомбардирањето на цивили. Атомската бомба, млазниот авион и радарот се само некои од изумите за време на војната.

Поствоена Европа била поделена на Западна и Советска сфера на влијание. Првата доживеала економска реконструкција преку Маршаловиот план, додека пак источните земји станале сателити на СССР. Во воена смисла, Западна Европа, во најголем дел била инкорпорирана во НАТО, а Источна Европа во Варшавскиот пакт, сојузи меѓу кои се водела подоцна Студената војна. Во Азија, американската воена окупација на Јапонија довела до нејзина вестернизација, додека пак Кина била поделена на комунистичка Народна Република Кина и националистичка Република Кина (Тајван) по кинеската социјалистичка револуција во 1949.

Светот помеѓу двете светски војни

По поразот во Првата светска војна, Германија била принудена да го потпише Версајскиот договор[2] во 1919, со кој морала да отстапи околу 14% од својата територија, била обврзана да се откаже од анектирање на туѓи територии и да го ограничи бројот на војници во сопствената армија на 100.000 војници, со што и официјално бил означен крајот на Првата светска војна, тогаш уште попозната како Големата Војна, војната што се сметала за војна што ќе стави крај на сите војни. Во 20 годишниот период од 1919 до 1939 светот претрпел огромни измени, особено на политичката сцена.

СССР

По поразот на Руската Империја во Првата светска војна во 1917 во Русија се случиле двете руски револуции кои што ќе остават траен белег врз светот не само во 20 век, туку општо во целата историја не само на Русија и Европа, туку и врз историјата на целото човештво: Февруарската буржоаско-демократска револуција, со која царот Николај II абдицирал, со што и официјално бил ставен крај на повеќе од 300 годишното владеење со Русија од страна на царската династија Романови, како и на 200 години старата Руска Империја, и Октомвриската социјалистичка револуција, со која во Русија на власт дошле Болшевиците предводени од страна на Владимир Илич Ленин, по што бил создаден Сојузот на Советските Социјалистички Републики или СССР, уште попознат како Советски Сојуз. По смртта на Ленин во 1924, власта во СССР ја превзел еден од најбруталните диктатори општо познати на целото човештво, Јосиф Висарионович Сталин.

Италија и Јапонија

Во Италија дошло до првата појава на фашизмот со доаѓањето на власт на фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини по Маршот на Рим во октомври 1922.[3] Во Кина, десничарската партија Куоминтанг започнала кампања за унификација на Кина. Унификацијата завршила кон средината на 1920-те, по што следела граѓанска војна помеѓу Куоминтанг и нејзините некогашни сојузници, кинеските комунисти. Граѓанската војна и неединството меѓу Кинезите биле искористени од страна на Јапонија, која што во 1931 го искористила Мукденскиот инцидент како повод за да ја окупира богатата кинеска област Манџурија, каде што ја формирала марионетската држава Манџуко, уште попознато како Пацификација на Манџурија, како своја база за окупирање на Кина,[4] што требало да биде првиот чекор на Јапонија кон воспоставување на доминантна власт во Азија. Јапонската агресија врз Кина продолжила и во 1932, а особено во 1937.

Германија

1934
1935
Германски војници на собири во Нирнберг во 1934 (горе) и во 1935 (долу).

Во Германија, гневот од поразот во Првата светска војна, Големата економска криза од 1929 и невработеноста биле вешто искористени од страна на Адолф Хитлер и неговата Националсоцијалистичка работничка партија на Германија уште попозната како Нацистичка партија на Германија. И покрај неуспешниот обид за државен удар во 1923 од страна на Хитлер и нацистите, ефектите од економската криза од 1929 сè уште биле свежи, што предизвикало незадоволство кај германскиот народ и несогласување помеѓу политичките партии во Германија, поради што на парламентарните избори во јули 1932 нацистите и комунистите освоиле мнозинство од 52% од пратеничките места во Рајхстагот, поради што претседателот на Германија Паул фон Хинденбург морал да му даде мандат на Хитлер за да формира влада со што Хитлер станал канцелар на Германија. Во 1933 зградата на Рајхстагот била запалена, што било искористено од страна на Хитлер и нацистите за да ги обвинат комунистите и за да се забрани Комунистичката партија на Германија. Хитлер го убедил претседателот фон Хинденбург да потпише серија законски акти со кои што биле суспендирани повеќето граѓански права загарантирани со Уставот на Вајмарската Република, била воведена таканаречена "заштита" од комунистичките водачи, а еден од тие законски акти бил и таканаречениот Овластувачки акт, со којшто владата на Хитлер се стекнала со законодавни моќи. Во март 1933 Хитлер распишал нови парламентарни избори на кои што нацистите освоиле 43,9% од пратеничките места во Рајхстагот и заедно со нивните националистички сојузници имале мнозинство од 51,8%. Во јули 1933 бил усвоен актот со којшто бил укинат повеќепартискиот систем во Германија, а Нацистичката партија била прогласена за единствена политичка партија во Германија, со што Германија станала еднопартиска држава. По смртта на претседателот фон Хинденбург во август 1934, Хитлер си ги припишал на себе и ги превзел неговите претседателски права и обврски и се прогласил себеси за Фирер (водач) на Германија. Хитлер ја одржувал својата диктаторска позиција и власт во Германија преку тајната полиција Гестапо и паравоените формации СС и СА. По осигурувањето на власта во Германија, Хитлер започнал кампања за вооружување и подготвување на германските вооружени сили за подолго војување.[5] Ова ги загрижило Франција и Велика Британија кои што и онака изгубиле многу во Првата светска војна исто како и Германија и Италија.[6] За да се осигураат дека Италија нема да влезе во сојуз со Германија, Франција и дозволила на Италија да ја окупира Етиопија. Но ситуацијата станала сериозна кога во 1935 Хитлер ја вратил Сарската област под германска власт, која што била окупирана од страна на Франција со помош на Велика Британија во 1920. Со враќањето на Сарската област под германска власт, Хитлер прекршил една од точките на Версајскиот договор, која што гласела дека Сарската област треба да биде под управа на Друштвото на народите 15 години, по што требало да се одлучи дали ќе и биде вратена на Германија или ќе и припадне на Франција. Верувајќи дека ќе ја воздржат Германија од понатамошни освојувања, Франција, Велика Британија и Италија го формирале Стрезкиот фронт. Советскиот Сојуз, загрижен поради германските цели за окупирање на територии и од источна Европа пристапил кон договор за меѓусебно помагање со Франција. Но договорот никогаш не стапил насила официјално бидејќи бил заглавен во бирократските лавиринти на Друштвото на народите.[7][8] Во 1935 Велика Британија потпишала независен поморски договор со Германија со кој дошло до олеснување на германската морнарица од одредени обврски кои што произлегле од Версајскиот договор. Забележувајќи ги историските промени во светот, САД прогласиле неутралност со Неутралниот акт усвоен во август 1935, со којшто ја ограничиле помошта за своите сојузници во Европа и Азија.[9] Во 1923 Италија се обидела да го окупира островот Крф, а во 1924 го анектирала градот Риека. Во октомври 1935, Италија ја окупирала Етиопија со политичка поддршка од Германија, по што ги повлекла своите приговори кон Германија за да ја користат Австрија како сателитска држава.[10] Во 1939 Италија ја окупирала и Албанија.[11] Во целост спротивно на Версајскиот договор и договорите од Лоцарно, Хитлер ја ремилитаризирал Рајнската област во март 1936, на што наидел на многу мала реакција од останатите европски држави.[12] Во 1938 Хитлер извршил присилно присоединување на Австрија со Германија, уште попознато како Аншлусот на Австрија.[13] Исто така во 1938 Хитлер побарал Чехословачка да им загарантира поголеми граѓански права на германците кои што живееле во Судетската област, што го искористил како изговор за да ја окупира, за што добил амин и од Велика Британија, Франција и Италија со Минхенскиот договор потпишан во септември 1938 во Минхен, Германија, без присуство на претставници на Чехословачка.[14] Подоцна, во март 1939 Хитлер ја окупирал цела Чехословачка. Со почетокот на Граѓанската војна во Шпанија во јули 1936 Хитлер и Мусолини го поддржале фашистичкиот генерал и иден шпански диктатор Франциско Франко и неговите сили во неговата војна против шпанската република поддржана од страна на Советскиот Сојуз. И двете страни ја искористиле војната за да ги тестираат најновите оружја и методи на војување.[15] Двосмислената и доста помала помош од страна на СССР за шпанската република наспроти огромната воена помош од страна на Германија и Италија за Франко му ја донеле на Франко посакуваната победа во 1939 по што се прогласил себеси за регент на Шпанското кралство, ги укинал сите политички слободи, како и националните слободи на народите на Каталонија и Баскија. Со зголемувањето на тензиите следувале обиди за консолидирање помеѓу Франција, Велика Британија и СССР, кои што не завршиле успешно, во главно поради несогласувањата на Полска со ставовите на трите држави. Во овие околности, во август 1939 била склучена советско-германската спогодба за ненапаѓање, уште попозната како Договорот Молотов - Рибентроп,[16] потпишана од страна на министерот за надворешни работи на СССР, Вјачеслав Молотов, и министерот за надворешни работи на Германија, Јоаким фон Рибентроп. Од друга страна, Германија и Јапонија ги зацврстиле пријателските односи и меѓусебната соработка, уште попозната како оската Берлин-Токио, прво со потпишувањето на Анти-Коминтерниот Пакт во ноември 1936 верувајќи дека комунизмот и Советскиот Сојуз се опасна закана за нив. Подоцна во мај 1939 бил потпишан Челичниот Пакт[17] помеѓу Германија и Италија со што се зацврстиле пријателските односи и меѓусебната соработка помеѓу Германија и Италија, уште попозната како оската Берлин-Рим. Ваквиот сојуз бил потврден во септември 1940, кога Германија, Италија и Јапонија го потпишале Тројниот Пакт, со што станал уште попознат како оската Берлин-Рим-Токио. Од друга страна во 1937 Куоминтанг и кинеските комунисти се согласиле на привремен прекин на огнот во кинеската граѓанска војна поради јапонската агресија.[18]

Other Languages
Alemannisch: Zweiter Weltkrieg
Basa Banyumasan: Perang Donya II
беларуская (тарашкевіца)‎: Другая сусьветная вайна
Bislama: Wol Wo Tu
brezhoneg: Eil Brezel-bed
Chavacano de Zamboanga: Segunda Guerra Mundial
davvisámegiella: Nubbi máilmmisoahti
dolnoserbski: Druga swětowa wójna
emiliàn e rumagnòl: Secånda guèra mundièl
English: World War II
Esperanto: Dua mondmilito
estremeñu: II Guerra Mundial
Fiji Hindi: World War II
Gàidhlig: An Dàrna Cogadh
客家語/Hak-kâ-ngî: Thi-ngi-chhṳ Sṳ-kie Thai-chan
hornjoserbsce: Druha swětowa wójna
Bahasa Indonesia: Perang Dunia II
Basa Jawa: Perang Donya II
къарачай-малкъар: Экинчи дуния къазауат
لۊری شومالی: قی جھوٙنی دویوم
Lëtzebuergesch: Zweete Weltkrich
مازِرونی: جهونی جنگ دوم
Bahasa Melayu: Perang Dunia Kedua
Baso Minangkabau: Parang Dunia II
မြန်မာဘာသာ: ဒုတိယ ကမ္ဘာစစ်
Dorerin Naoero: Eaket Eb II
Nedersaksies: Tweede Wereldoorlog
नेपाल भाषा: तःहताः २
Nordfriisk: Naist Wäältkrich
norsk nynorsk: Andre verdskrigen
oʻzbekcha/ўзбекча: Ikkinchi jahon urushi
Patois: Wol Waar II
Plattdüütsch: Tweete Weltkrieg
qırımtatarca: Ekinci Cian cenki
Ripoarisch: Zweide Weltkresch
Simple English: World War II
slovenščina: Druga svetovna vojna
српски / srpski: Други светски рат
srpskohrvatski / српскохрватски: Drugi svjetski rat
Basa Sunda: Perang Dunya II
Türkmençe: İkinji Jahan Urşy
ئۇيغۇرچە / Uyghurche: ئىككىنچى دۇنيا ئۇرۇشى
vepsän kel’: Toine mail'man soda
Volapük: Volakrig telid
žemaitėška: Ontra svieta vaina
Lingua Franca Nova: Gera Mundal Du